Соларна Енергија во Скопје: Предизвици и Можности

На 02. 12. 2020 година (среда) во организација на Лабораторијата за Социјални Иновации СмартАп, Скопје Лаб а во партнерство со Град Скопје, се одржа настанот е-настанот „Соларна Енергија во Скопје: Предизвици и Можности“. Земајќи го предвид значењето од поврзаност и соработка на сите сектори во областа, настанот вклучи пет панелисти, домашни и странски, од јавниот, академскиот, приватниот и невладиниот сектор.

  • Др. Александар Дединец, Истражувачки Центар за Енергетика и Оддржлив Развој при Македонската Академија за Науки и Уметности (МАНУ)
  • Проф. Др. Илија Насов, Претседател на Здружение Солар Македонија
  • Филип Серафимов, Градски Енергетски Системи Скопје (ГЕС)
  • Марио Рајн, Градоначалник на Општина Крижевци, Р. Хрватска
  • Љупчо Димов, Рак. Одд. Енергетска Ефикасност, Општина Карпош

Од потпишувањето на Кјото Протоколот, светот бележи зголемена искористеност на ветерна и соларна енергија. Во 2018 година, сончевите електрани достигнаа капацитет од рекордни 400 гигават часови на светско ниво, што се должи на падот на цената на технологијата — наведе Др. Дединец. Меѓу многуте документи изготвени од Центарот за Енергетика и Оддржлив Развој при МАНУ, Др. Дединец се осврна на Стратегијата за Енергетика изработена во 2018-та година, која предвидува зголемена искористеност на оддржливите извори на енергија (ОИЕ) за 40%. Конкретно, зеленото сценарио на стратегијата предвидува 80% од електричната енергија да биде произведена од ОИЕ до 2040 година. За разлика од 2009–2010 година кога земјава се издвојува како лидер во регионот по искористеност на сончевата енергија, поради исполнување на квотите и неможност за изградба на нови капацитети, како соларни кровни инсталации и слично, земјава бележи стагнација по основ на примена на соларната енергија.

Според Дединец, сончевиот потенцијал на Скопје е над-просечен на ниво на држава, што воедно го прави скопскиот регион многу поволен за изградба на соларни електрани, но истиот бележи недоволна искористеност од 13% до 18% во производството на електрична енергија. Со поголема искористеност на соларната енергија, би се генерирале 2000–3000 работни места, меѓу кои повеќето во инсталација и одржување на соларни системи, а помалку во нивно производство.

Според Проф. Др. Илија Насов, Скопје со 1380 киловат часови соларна енергија на метар квадратен, е меѓу нај поволните региони за искористување на сончева енергија во светски рамки. Во светот постојат повеќе апликации за искористување на сончевата енергија како 1) соларни апликации за санитарни потреби и домаќинства, 2) соларни апликации за парцијално загревање (district heating), 3) индустриски соларни апликации и 4) соларни апликации за ладење (solar cooling). Недоволното искористување на соларните апликации во земјава се должи во голема мера на несоодветни политики на субвенции и стимулации. И покрај тоа што фото термалните колектори се скоро изоставени од програмот за субвенции и стимулации на земјава, со помош на Солар Македонија се инсталирани 700 метри квадратни на хибридни системи само за една година. Со цел да се зголеми искористеноста на соларната енергија, неопходно е зголемување на расположливиот буџет од 80.000 евра за субвенции и стимулации за соларни инсталации, како и ревидирање на критериумот за доделување на истите — наведе Проф. Др. Насов.

Солар Македонија воедно е креатор на најевтината технологија за производство на топла вода преку искористеност на соларната енергија која наскоро се очекува да биде претставена на пазарот, по цена од едно евро на ден за еден тон топла вода на ден.

Според Г-дин Филип Серафимов — претставник на Градски Енергетски Системи (ГЕС) Скопје, пазарот за производство на електрична енергија од фотоволтаици во земјава сеуште се развива. Скопје има инсталирано фотоволтаични централи со моќност од околу 1,1 мегават часови. Споредбено со европски градови со приближен број на жители како Валенсија (Шпанија) со капацитет од 6 мегавати, Харлем (Холандија) со 29 мегавати и Екло ( Белгија) со 36 мегавати, евидентно е недоволното искористување на соларната енергија во Скопје, особено земајќи ја во предвид географската местоположба на градот. Наместо подобра искористеност на соларниот потенцијал, Скопје се соочува со енергетска сиромаштија од 12% — наведе Серафимов. Преку проектот PowerUp, ГЕС цели кон спроведување на пилот проекти за енергетски сиромашни домаќинства, како и развивање и зајакнување на локалниот енергетски пазар преку примена на социјална агенда. Конкретно во Скопје, проектот предвидува инсталација на фотоволтаични панели со моќност од 100 киловат часови, во износ од 130.000 евра и годишно производство од 143 мегават часови електрична енергија. Во склоп на истиот проект, 10 енергетски сиромашни домаќинства ќе бидат вклучени во процесот на заедничко креирање на бизнис модел, 30 енергетски сиромашни домаќинства ќе бидат инволвирани во имплементација на бизнис моделот, додека 100 енергетски сиромашни домаќинства ќе бидат интегрирани во мерките за намалување на енергетската сиромаштија.

Г-дин Марио Рајн — Градоначалник на Општина Крижевци, Р. Хрватска, сподели искуства во поттикнување на искористувањето на потенцијалот на соларната енергија преку изградба на соларна електрана од 30 киловат часови, овозможена преку методот на crowd-funding од страна на заедницата. Иако инвестицијата од 30.000 евра беше во можностите на општинскиот буџет, преку методот на crowd-funding, Крижевци имаше за цел да ја подигне општествената одговорност кај жителите на градот. Успехот на проектот го етаблираше град Крижевци како национален шампион во искористување на ЕУ фондови (2018–2019 г.) како и еко-град во Р. Хрватска (2020 г.), во конкуренција од 127 градови. Преку основање на локалната енергетска задруга — Крижевачка Лабораторија за Иновации во Клима (КЛИК), град Крижевци успешно ги мотивира своите жители да инсталираат фотонапонски електрани на своите кровови, а веќе од наредната година градот планира изградба на фотонапонски електрани од 7 мегавати, со учество на граѓаните од 20%, повторно преку принципот на crowd-funding. На тој начин, општина Крижевци има за цел да се профилира како енергетски независен и самоодржлив град до 2030 година — напомена Рајн. Преку проектот Compile на Horizon2020, градот воедно планира и изградба на уште две фотонапонски електрани за потребите на средното училиште и здраствениот дом во Крижевци, со примена на Peer-to-Peer микро-мрежата и Block-Chain технологијата како иновација во енергетиката која ја воведува градот. Од вкупно 7000 домаќинства, град Крижевци намерува барем едно од седум домаќинства да поседува фотонапонска електрана.

Повеќе информации за успесите на Град Крижевци во полето на енергетската ефикасност се достапни на линкот.

Според Г-дин Љупчо Димов, Рак. Одд. Енергетска Ефикасност — Општина Карпош, соларната енергија мора да биде инклузивна и достапна за сите. Земјава е уставно уредена како социјална држава, што воедно подразбира дека соларната енергија не смее да биде привилегија на одредена група на граѓани кои можат да си дозволат соларна инсталација. Во таа насока, законот за енергетика и енергетска ефикасност, поточно правилникот за ОИЕ, овозможуваат општините да превземат конкретни чекори за експонеционален раст на искористеноста на соларниот потенцијал. Според тоа, не само општините туку и граѓаните ќе имаат можност да произведуваат електрична енергија за сопствени потреби до 4 киловати. Државата е во план да ја поддржи изградбата на фотоволтаични централи од страна на граѓаните со минимум од 500 евра, како би се постигнала годишна инсталација на 20 мегавати со инсталација на централи од 4 киловати по домаќинство — наведе Димов.

Според него, огромен потенцијал за општините се јавните објекти со големи кровни површини кои што се во нивна надлежност. Во таа насока, пилот-проектот со хибридни колектори на една градинка во општина Карпош, се очекува да произведе 300 литри топла вода и 4 киловати електрична енергија. Во прилог, општината исто така работи на инсталација на соларни полначи или соларни дрва за урбана мобилност, за напојување на електрични возила, тротинети, комјутери, телефони и слично. Општина Карпош воедно бележи раст во застапеност на ОИЕ кај јавните објекти во нивните системи за греење и ладење. Преку моделот на субвенционирање на општината, 118 индивидуални и колективни објекти се стекнаа со ОИЕ-генерирани системи, кои варираат помеѓу 50 киловати а 1500 киловати (објекти како Систина и Жан Митрев клиника). Преку Horizon2020 и апликација на модуларни системи, населба од 10.000 жители (Злокуќани и Бардовци) се предвидува да биде приклучена на ОИЕ-системот.

Димов воедно ја потенцираше потребата од усогласување на работата на општините во насока на ОИЕ, како и потребата од формирање на енергетски задруги. Со партиципација од 100 до 3000 евра, граѓаните би можеле да станат членови на енергетските задруги, каде би фигурирале како „акционери“ и од каде би ги црпеле своите бенефиции. Преку енергетските задруги, би се постигнала золемена искористеност на ОИЕ, во чии инсталации сопственици би биле самите граѓани. Поучени од германското сценарио, енергетските задруги би требало да се регулираат со амандман во законот за енергетика, и воедно обезбедат откупна цена на произведена струја, како би се мотивирале граѓаните да земат учество и инвестираат во истите.

Успесите и идните планови на Општина Карпош во полето на енергетиката се достапни во публикацијата „Електроенергетски независен и самооджлив Карпош“, достапна на линкот.

Настанот е организиран во рамки на иницијативата „Градови од Иднината на Југоисточна Европа“ поддржана од Европскиот Институт за Иновации и Технологии (EIT Climate KIC).

--

--

SkopjeLab - City of Skopje Innovation Center

@SkopjeLab is experimental and collaborative space of City of Skopje for co-designing and prototyping local public policies and services in Skopje, Macedonia.